Масимилијано Алегри повеќе не е тренер на Милан. Во тек е состанок во седиштето на клубот каде треба да се дефинира обештетувањето за тренерот кој има договор до 2014. година. Кориере дело Спорт тврди дека Кларенс Сидорф е најблиску до клупата на „росонерите“.
Милан ќе го ангажира Кларенс Сидорф на тренерската функција, а во клубот се враќа и Паоло Малдини.
Холанѓанецот, кој моментно игра за бразилскиот тим Ботафого, ќе потпише тригодишен договор со Милан и ќе го замени Масимилијано Алегри.
По една декада мината во Милан, Сидорф лани го напушти клубот, а сега се очекува да објави крај на фудбалската кариера и да се врати на Сан Сиро.
Тој нема да биде единствената легенда која се враќа во клубот, затоа што „росонерите“ ќе го вратат и Паоло Малдини.
Четириесет и четиригодишниот поранешен играч на Милан целата своја 20 годишна кариера ја мина во „црвено-црниот“ дрес, а ја заврши во 2009. година.
Информациите велат дека Малдини ќе биде задолжен за трансферите на клубот, а ќе има блиска соработка и со Сидорф.
По три години минати во Милан, завршува ерата на Алегри. Тој ова утро има средба со Галијани за оштета за предвремен раскин на неговиот договор кој трае до 2014. година. Милан му нуди милион евра, иако во наредната сезона Алегри требаше да заработи три милиони евра.
Се очекува Алегри да седне на клупата на Рома, а со себе да го доведе и неговиот досегашен помошник Мауро Тасоти.
