Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри по ремито со Наполи истакна дека овој резултат е успех, поготово поради фактот дека во тимот не беше Балотели и дека во финишот играа со играч помалку поради исклучувањето на Фламини.
Милан не успеа бодовно да се приближи до второпласираниот Наполи, бидејќи дербито на Сан Сиро заврши со резултат 1-1, разликата остана на четири бода, а Масимилијано Алегри повеќе го загрижува што Фиорентина се приближи до неговиот тим на четири бода.
„Не можам да се жалам на своите играчи, играа добро, дури и многу добро кога останаа со десетмина. Можам да кажам дека овој бод го освоивме, за разлика од тој во Фиренца во минатото коло, каде што загубивме два. Ќе биде тешко да го стигнеме Наполи и да им го земеме второто место, мислам дека вниманието треба да го усмериме да го сочуваме третото место, бидејќи Фиорентина ни е зад петите“, изјави Макс Алегри.
Новинарите ги интересираше зошто мечот не го започна Ел Шарави, алудирајќи дека нападот беше доволно ослабен без Балотели.
„Ел Шарави има само 20 години, и не можете да очекувате од него да игра во топ форма цела сезона. Во последните неколку мечеви беше евидентен неговиот пад, пред се на психички план. Влезе во финишот, се виде дека игра со голем жар и тоа е она што може да не радува. Од друга страна, Робињо одигра одлично, така да мислам дека замерката не е на место“, заклучи тренерот на Милан, Масимилијано Алегри.
