Италијанскиот фудбал го тресе нов скандал. Во координирана акција во соработка со државните обвинители од Неапол, финансиската полиција изведе рација во 41 фудбалски клуб, од кои дури 18 од првата италијанска лига.
Guardia di Finanza која во Италија предизвикува само стравопочит, денес упадна во канцелариите на 41 италијански фудбалски клуб и заплени документација која би можела да ги потврди обвиненијата на обвинителот од Наполи за кривично дело за завера, перење пари, затајување на данок и лажни фактури. Под истрага се и договорите помеѓу играч - агент/менаџер - клуб.
Рацијата опфатила 18 од 20 италијански првологаши, а наводно Болоња и Каљари се единствените клубови кои се заобиколени од финансиската полиција на Италија. Исто така, под истрага се 11 клубови од Серија Б и 12 клубови од пониските италијански првенства.
