Триесет и едногодишниот Бразилец е главна желба на првиот човек на „росонерите“, Силвио Берлускони што ја напоменал и на неделниот разговор со тренерот Масимилијано Алегри.
Берлускони се согласи да го задржи Алегри на тренерската функција, но само ако го замени неговиот систем на игра 4-3-3 со познатиот 4-3-1-2. Освен системот на игра, Берлускони им рекол на вицепретседателот Адријано Галијани и на Алегри дека го сака Кака назад на Сан Сиро.
Бразилскиот фудбалер дојде во Милан во 2003. година каде играше шест години пред да замине на Сантијаго Бернабеу за сума од 67,2 милиони евра. Кака не се снајде најдобро во Реал, а Милан повеќе пати се обидуваше да го ангажира, последниот обид беше во јануари.
Сепак во случај кралскиот клуб да го ангажира за тренер Карло Анчелоти, Какa може да остане, бидејќи двајцата одлично соработуваа и во Милан.
Кака одигра 270 натпревари за „росонерите“ и постигна 95 гола.
