.

Прандели: Бразил го има Нејмар, но ние го имаме Ел Шарави

Денес во Женева Бразил и Италија ќе одиграат пријателски натпревар, а селекторот на ‘аѕурите’, Чезаре Прандели направи интересна споредба меѓу двете млади ѕвезди, Нејмар и Ел Шарави.

Прандели истакна дека ова ќе биде повеќе од пријателски натпревар и одличен тест за неговите избраници, а на прашањето како ќе го запре Нејмар, тој одговори:

„Ние го имаме Ел Шарави кој според играта е многу сличен на Нејмар. Стефан има одлична реализација и е ладнокрвен пред голот, помага во организација на играта, и притоа одличен е во дефанзива. Вистинско богатство е да имате играч како Ел Шарави во тимот“

Тој потоа беше запрашан да направи споредба и помеѓу поранешниот бразилски репрезентативец, Адриано и напаѓачот на Милан, Марио Балотели.

„Дали Балотели е сличен на Адријано? Работев заедно со Адријано во Парма и во тој период од две години тој беше многу мотивиран. Беше еден од најдобрите играчи коишто некогаш сум ги тренирал. Штета што заврши на таков начин“, изјави Прандели.

„Марио има поголема гордост од Адријано и навистина сака да докаже дека е еден од најдобрите на светот“, додаде селекторот на Азурите.