Само два дена после елиминацијата на Милан од Лигата на шампиони, италијанските медиуми соопштуваат дека сопственикот Берлускони е многу лут на тренерот Алегри, кој повторно се соочува со отказ.
На почетокот на сезоната Берлускони беше спремен да му врачи отказ на младиот стратег, но тогаш Галијани инсистираше Алегри да остане, нешто што беше вистински потег на клубот бидејќи Алегри го прероди Милан кој сега се бори за второто место во Серија А.
На Алегри не му се забележува толку елиминацијата колку играта што ја прикажа, иако не е само тој виновен, Барса беше фантастична. Италијанските медиуми не упатија никаква критика кон тренерот и констатираа дека е успех за овој Милан што до самиот крај беше на чекор до пласман во четвртфинале.
Но, така не мисли и газдата Берлускони, кој е многу лут на Алегри, не поради елиминацијата, туку поради играта која ја покажаа ‘росонерите’. Бостот мечот го следел во болница, бил видно нервозен и бил лут на кукавичката игра, тој сака офанзива, а тоа му беше забелешка и кога тимот го водеа Капело и Анчелоти.
Како што пренесуваат медиумите, Берлускони веќе разговарал со Алегри и ветил дека овој пат нема јавно да го критикува, но му поставил услов, или Милан да обезбеди место во ЛШ или Алегри да замине.
Веднаш циркулираат и нови имиња за наследници на Алегри, а најинтересна е опцијата со Кларенс Сидорф, кој моментално настапува во Ботафого, но на крајот на сезоната е спремен да стави крај на кариерата и веднаш да седне на клупата на Милан како тренер.
Алегри има договор со Милан до 2014 година и најверојатно нема многу да жали доколку добие отказ, бидејќи за него има многу голем интерес од неколку европски клубови, кои се спремни да му понудат и многу побогати договори од актуелниот.
