
Марио Балотели најави радикален потег кога следниот пат на некој фудбалски натпревар ќе биде мета на расистички напади.
На дерби натпреварот од италијанската Серија А минатиот викенд помеѓу Милан и Рома, гостинските навивачи ги навредуваа неколку играчи на ’росонерите’ на расна основа. Поради ваквите испади, Рома плати казна, но на Балотели не му значи премногу изречената казна, па најави дека „следниот пат ќе го напушти теренот“.
„Многу малку ми недостигаше во неделата да го напуштам теренот. Сакав да го повторам она што мојот соиграч Боатенг го направи на пријателскиот натпревар. Но, не го направив тоа затоа што така Рома ќе беше драстично казнета, а ние ќе го добиевме натпреварот на зелена маса со 3-0 или слично“, изјави напаѓачот на Милан.
„Но, дефинитивно знам дека следниот пат, ако се повтори такво нешто сигурно ќе го напуштам теренот. Некогаш порано кога размислував што би направил во такви ситуации, си велев самиот на себеси дека ќе се смирам и дека нема да обрнувам внимание на такво нешто. Но, повеќе не размислувам така, доколку се случи нешто такво, веднаш ќе го напуштам теренот“, порача италијанскиот репрезентативец.