Легендарниот италијански фудбалер Џенаро Гатузо изјави дека е свесен за неговото мало тренерско искуство, но дополни дека воопшто не стравува од својата нова работа како тренер на Палермо.
-Кога на 35 години ќе ви се укаже ваква можност морате да кажете да. Знам дека немам искуство, но играв фудбал 20 години. Не сум бил рибар или ѕидар. Ќе мораме да работиме напорно, да ги масакрираме противниците – изјави Гатузо на промоцијата во Палермо.
Гатузо вели дека воопшто не е значајно тоа што екипата следната сезона ќе се натпреварува во Серија Б.
-Палермо е голем клуб, за мене ова ќе биде како да работам во некоја екипа која игра во Лигата на шампионите.
Како еден од адутите за својот нов ангажман, Гатузо го наведе тоа што во текот на својата 20 годишна играчка кариера соработувал со огромен број на талентирани стручњаци.
-Сите мои тренери ми дадоа по нешто, но јас имам сопствен карактер, мој начин на гледање и сфаќање на нештата. Дали можам да бидам новиот Антонио Конте? Се надевам, но сакам на овој тим да му дадам свој идентитет, сите ја знаете мојата ДНК – истакна Гатузо.
