Тренерот на Милан, Масимилиано Алегри призна дека во клубот има сериозно разочарување од лошите настапи во Серија А, но уште поголемо е разочарувањето поради фактот што некој на медиумите им пренесува детали од соблекувалната.
Деновиве сите медиуми пишуваа дека петмина играчи задоцниле на тренинг и дека имало проблеми во соблекувалната, но Алегри истакна дека тие информации се лажни и дека никој повеќе нема да има пристап во тренинг кампот „Миланело“.
„Околу клубот има многу лажни вести. Не е точно дека петмина играчи задоцниле за тренинг. Сакам да знам кој ги пушта овие приказни, имаме „крт“ во тренинг кампот, па до медиумите стигнуваат една точна и пет лажни информации. Вистина е дека еден фудбалер задоцни, но тоа се случува во сите клубови, а проблемот кај нас е што имаме шпион. Многу сум лут поради тоа и јавно кажувам дека ни едно надворешно лице повеќе нема да има пристап во тренинг кампот“, истакна Алегри на пресконференцијата пред натпреварот со Селтик.
„Ни претстои многу важен натпревар, но тој не е одлучувачки за нашето продолжување напред во турнирот. Ќе ни биде многу тешко, бидејќи противникот игра многу агресивно дома. Ќе се потрудиме да победиме против Селтик, кој во последните 11 натпревари дома има само 2 порази. Нашата главна цел е да се пласираме во следната фаза и ќе сториме се за да ја оствариме таа цел“, додаде тренерот на ’росонерите’.
